ФАЦ: „Има само една Македонија!“

0
239
views
loading...

Порано германските фанови пееја: „Има само еден Руди Фелер!“ Денес многу Грци се на ист „трип“, само што тоа се однесува на Македонија, стои во анализата на ФАЦ  (Frankfurter Allgemeine Zeitung) околу спорот за името. За него пишува и НЦЦ (Neue Zürcher Zeitung).

За да им ја објасни апсурдноста на спорот за името, авторот Андреас Ернст во електронското издание на „Ноје цирхер цајтунг“ (НЦЦ) пишува:

„Среќавате сосед и се претставувате: ‚Моето име е Макс‘. Соседот го собира челото: ‚Како молам?‘ – ‚Макс‘, повторувате Вие. Соседот се вцрвува: ‚Бесрамно! Јас се викам Макс, не можете туку така да ми го крадете името! Да не побарате и дел од моето наследство? Би било подобро да си барате друго име!‘

Приказната звучи апсурдно и е апсурдна. Но, една слична варијанта триесет години се одвива на јужниот Балкан: спорот за името меѓу Грција и Република Македонија. Република Македонија – од 1944 година дел на Југославија – во 1991 година се оддели од распаднатата федерација. Грција на својата северна провинција истото име, Македонија, ѝ го даде во 1985 година.

Двата дела се дел од историскиот регион Македонија, кој опфаќа и грчка и бугарска и територија која порано беше југословенска… Кога Република Македонија во 1991 година прогласи независност, Грците се разгневија. Тие сметаат дека се единствени наследници на сѐ што е македонско, иако тврдењето за континуитет од античките Македонци до денешните Грци е очигледно идеолошка конструкција. Иако Скопје нема територијални претензии, Грција му воведе економско ембарго на соседот во 1994-1995 година за да го принуди на промена на името. На крајот беше најден провизорен компромис.

Во меѓународните организации Македонија сега се вика ПЈРМ (Поранешна Југословенска Република Македонија). Името не е убаво. Но, од штедење измачените Грци не попуштаат. Тие го блокираа приклучувањето на Македонија во НАТО и во ЕУ. Тоа во Скопје доведе до огорченост и пркос и до апсурден бум на кич-споменици со кои освојувачот Александар Велики се слави како прататко. ‚Гледате‘, велат оттогаш Грците, „ви рековме!‘.

Откако Македонија има нова влада, во тек е ментално разоружување. Аеродромот во Скопје и автопатот кон Грција, крстени според Александар, сега се прекрстени. На Светскиот економски форум во Давос премиерите на двете земји постигнаа согласност за формула за името: географска одредница како Северна Македонија или Горна Македонија е веројатно прифатлива за двете страни. Но, за многу Грци тоа е премалку. Тие сметаат дека соседот треба сосема да се откаже од името… Како беше она кај Астерикс? Римјаните се будалат!“, се вели во текстот посветен на спорот за името објавен во „Ноје цирхер цајтунг“.

Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) во големата анализа за спорот околу името со наслов „Има само една Македонија“ укажува дека германските фудбалски навивачи во времето додека Руди Фелер беше активен фудбалер пееја „Има само еден Руди Фелер“ и додава дека сега многу Грци се на ист „трип“, само што тоа го тврдат за Македонија. „Но, додека германската хипотеза за уникатноста на Фелер никогаш не наиде на отпор во меѓународни рамки, грчкото тврдење за сингуларноста на Македонија е спорно – и тоа е она што ги прави бесни многу Грци“, оценува авторот Михаел Мартенс кој дава историски пресек на спорот и ги анализира националистичките тврдења на двете страни за тоа кој има античко потекло и чиј е Александар Велики. Наведувајќи дека со доаѓањето на владата на Заев се бара начин за решавање на спорот, во анализата се вели:

loading...

„Потрагата по решение е со поддршка од САД, кои сакаат прием на Македонија во НАТО за да се создаде контратежа на руското влијание на Балканот. Сѐ уште никој не знае дали преговорите ќе бидат успешни. Во Грција, според некои истражувања на јавното мислење, 60 проценти од населението смета дека соседот на север не смее да го има зборот ‚Македонија‘ во името на државата. Но, под ваков услов решение би било исклучено, зашто – како Македонците би ја викале својата држава? Фироманија? Република Јужнославија? Татковина Вардарска?

Владата во Скопје би можела кај своето население да одбрани преименување на земјата во Нова-, Северна-, Горна- или Вардарска Македонија, но ‚решенија‘ во кои зборот ‚Македонија‘ воопшто го нема се осудени на неуспех. Тоа на Македонците би им дошло исто како од нив да се бара самите да се укинат, а тоа народите не го прават радо. А, токму тоа – име на државата без ‚Македонија‘, го бараа грчките демонстрани на големите протестни собири во последно време. Притоа ја имаат поддршката од Грчката православна црква и опозицискиот лидер Киријакос Мицотакис (…)

Она што паѓа в очи е дека Ципрас и министерот за надворешни работи Никос Коѕијас по прашањето на Македонија не се однесуваат воопшто популистички. Иако е тоа непопуларно, тие се држат до преговорите со Македонија, се осмелуваат на конфронтација со демонстрантите… Тоа воопшто не звучи како Ципрас од минатото, оној арогантен херој на Хелените кој во годините меѓу 2012 и 2015 со такаречи ослободително-теолошка воодушевеност велеше дека еврозоната би морала да ѝ ги прости долговите на неговата земја, затоа што Грција била демократија и Грците донесле таква одлука.

Ципрас во меѓувреме научи дека и другите држави во еврозоната се демократии каде владее волјата на избирачите. Тој сега речиси и не спори со кредиторите околу неопходните реформи. Поранешниот холандски министер за финансии и шеф на Еврогрупата, Јерун Дајселблум неодамна за ‚Фајненшл Тајмс‘ даде интервју, во кое ги испофали Ципрас и неговиот министер за финансии Еуклид Цакалотос. Двајцата, смета Дајселблум, сосема го промениле односот на Атина кон Европејците: ‚Оттогаш е полесно речиси сѐ. Ситуацијата е сосема променета.‘ Во ‚спорот за името‘ Ципрас продолжува со одговорен став.

Ако не е само игра за да се подели опозицијата, а со такви маневри вештиот тактичар Ципрас владее добро, тогаш премиерот и неговиот министер за надворешни работи навистина сакаат да му стават крај на непријатниот спор. Ципрас има предност што никогаш не бил дел од заслепените кои конфликтот го гледаат низ историски или расистички очила. Доколку нему и на Коѕијас им успее да го надминат конфликтот кој дузина атински влади пред нив не можеа или не сакаа да го решат, тоа би било историско постигнување, не само за Грција, туку за цела Југоисточна Европа. Зашто, блокадата на Македонија за големи делови од регионот претставува значителна закана за дестабилизација.

Сѐ уште не може да се предвиди дали преговорите навистина ќе завршат со успех, но конфликтот никогаш не бил толку блиску до решение како сега. Доколку дојде до спогодба, на некогашниот атински популист Ципрас луѓето можеби ќе се сеќаваат како на државник кој покажал големина каква што неговите претходници немале“, се констатира во анализата на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Превод превземено од ДВ на македонски

Loading...