Телевизиски дуел Меркел – Шулц во пресрет на изборите во Германија

0
34
views
loading...

Германската канцеларка Ангела Меркел синоќа со соочи во телевизиски дуел со главниот ривал на претстојните парламентарни избори во земјата, Мартин Шулц, а идните односи со Турција беа една од главните теми на нивното несогласување, јавува Anadolu Agency (AA).

Парламентарните избори во Германија ќе се одржат на 24 септември, а телевизискиот дуел на лидерката на владејачката конзервативна христијанско-демократска унија (ЦДУ), Меркел, и противкандидатот за позицијата канцелар од редот на левичарската Социјалдемократска партија (СПД), Шулц, го гледаа околу 20 милиони Германци.

Последните анкети на три недели пред изборите покажуваат дека конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ, предводен од Меркел, има поддршка од 38 отсто од гласачите, додека социјалдемократите на Шулц се поддржани од 24 отсто од гласачите.

Мартин Шулц во телевизиската дебата изнесе изненадувачки предлог дека Германија мора итно да го блокира турскиот пристап во ЕУ и да ги замрзне претпристапните фондови од четири милијарди евра.

„Доколку станам канцелар на Германија, би ги блокирал преговорите за пристап на Турција во Европската Унија“, изјави Шулц.

Шулц долго време беше гласен прокламатор на интеграцијата на Турција во ЕУ, но по неодамнешите резултати од анкетите и сознанијата дека неговата политичка опција пред изборите не стои добро, тој го промени ставот за односите со Анкара.

На предлогот на Шулц, канцеларката Меркел одговори дека и понатаму смета оти единствена правилна опција е на односите со Турција да се пристапува внимателно и дека дијалогот со Анкара мора да продолжи со цел да се надминат актуелните несогласувања.

„Немам намера да ги блокирам дипломатските односи со Турција“, јасно порача Меркел и додаде дека запирањето на процесот за интеграција на Турција во ЕУ би била лоша порака за турските граѓани кои ги поддржуваат демократските реформи во таа земја.

„Блокадата на преговорите на Турција со ЕУ би морале да ја поддржат и сите другите членки“, изјави Меркел и додаде дека не е сигурна оти предлогот на Шулц е единствен став на социјалдемократите во Германија, бидејќи шефот на германската дипломатија, Зигмар Габриел, како социјалдемократ бил против таквиот потег.

loading...

Односите меѓу Германија и Турција беа нарушени во изминатите недели, откако во Турција се уапсени двајца германски државјани во рамките на истрагата за терористичките организации. Турција ѝ замерува на Германија поради неиспорачувањето на пребегнатите припадници на терористичките организации ФЕТО и ПКК, а пак Германија изразува загриженост поради начинот на којшто Турција го изразува и го процесуира обидот за воен удар што минатата година во земјата го изврши терористичката организација ФЕТО.

Терористичката организација ФЕТО, предводена од Фетула Ѓулен, во Германија има широка мрежа од училишта и други установи, а по обидот за пуч, од Турција во Германија побегнаа повеќе од 4.000 припадници на таа организација.

Loading...

ДИСКУСИЈА

Please enter your comment!
Please enter your name here