Порше 911: Две различни нијанси на легендарниот суперавтомобил

0
49
views
loading...

Секој настан на Порше на кој се добива можност да се возат нивните најнови ѕверки е специјален. Ако се занемари фактот дека немаме патишта за возење на ракетите од Штутгарт, сѐ останато е адреналинска инјекција за секој љубител на автомобилите.

Овојпат „на менито“ беа новиот 718 бокстер С, кајен турбо С, 911 турбо С купе, 911 Ц2 С кабрио и панамера С е-хибрид. Од сите овие бројки, само три се вистинските, само три се култните, само три се Порше исто колку Фердинанд и Буци – 911. Не сум од аналните конзервативци за кои само „деветстоединаесет“ е Порше, знам дека и кајенот, и боксерот и панамерата имаат свое место и значење во равенката, но за мене возењето порше 911 е роденден и Нова година во едно.

А на овој роуд тур на Порше возев две 911-ки – новото турбо (со големо Т) С купе со 580 коњски сили, и втората генерација на карера 2 С кабрио, две различни димензии на култниот суперавтомобил (додадете и дипломска и лајк од симпатијата на Инстаграм).

Порше 911 турбо С не е новата карера С, која минатата година се префрли на турбо. Ова е вистинското турбо. 911 турбо што гризе како гладна мечка (од 0 до 100 км/ч за 2,9 секунди) и најбрзото досега со максимална брзина од 330 км/ч. Турбо што пред некое време го извозе Нирбургринг за 7 минути и 18 секунди, цели 9 секунди побрзо од претходното турбо С.

Она во што 911 турбо С ја мачка италијанската конкуренција на леб е неговата практичност. Можеби суперавтомобилите на Ламборџини и на Ферари се чекор понапред кога станува збор за имиџот и чаламењето, но 911 турбо С ем не им се дава на патеките, ем е доволно удобен и практичен за со него да скокнете до продавница или на кафе, како со нормален градски хечбек. Речиси.

„Суперавтомобилот за секој ден“ е фразата со која Порше одамна ја промовира 911-ката, а таа никогаш не била поточна отколку кај турбо С.

Каков е за возење? Со самото стартување на шестцилиндарскиот боксер мотор ги чувствувате вибрациите преку потпирачот на седиштето, а звукот е како некој да го врзал Том Џонс зад задните седишта и да го рчка со вжарена шипка. Турбо С забрзува како ракета, а силата доаѓа од самиот почеток како една голема грутка, а јас лично не стигнав ни приближно до крајната граница, од едноставна причина што кај нас нема каде. Сопирачките „гризат“ како стапици за мечки и ја спасуваат ситуацијата кога ќе сфатите дека автомобилите што пред неколку секунди ви изгледале прилично далеку веќе се пред вас. Во свиоците влегува како наведуван проектил, па дури и ги коригира грешките што ги прави возбудениот новинар.

Порше 911 турбо С е суптилниот суперавтомобил за сите оние што не сакаат да привлекуваат премногу внимание, сѐ додека не дојде време за мерење на… перформансите.

loading...

Новиот 911 Ц2 С кабрио, од друга страна, е дефинитивно за чаламење. Иако бројките тука не се толку клучни, новата генерација на карера С кабрио е побрза од повеќето „обични“ 911-ки со новиот турбополнач, што значи дека е фантастично брза – од 0 до 100 км/ч за 4,5 секунди и максимална брзина од 304 км/ч.

Можеби е тешко да се разликува од претходната генерација (искусното око ќе ги препознае разликите на задниот спојлер, централно поставените издуви, браниците и задните светла), но бројките не лажат. Новата карера С кабрио е многу брза и новиот 3,0-литарски мотор влече подобро од стариот 3,8-литарски. И е многу подобар за возење при нормални брзини од стариот, што е и главната поента на спортскиот автомобил без покрив.

Кабриолетот е нијанса помек од турбо С, што е очекувано, но затоа пак на чаламџиската скала од 1 до 10, Ц2 С кабрио со светло сина боја влече накај 11. Тешко дека ќе останете незабележани, а за да им дадете доволно време на обичните смртници да се свртат и да се изнагледаат, тука е копчето за засилување на звукот од издувите, кое од секој попатен тунел прави место за тестирање на грмењето на моторот.

Значи, 911 турбо С е расен спортски суперавтомобил, кој чија цел е да ве однесе од точка А до точка Б како да ве каснала оса, но кој е доволно практичен (условно кажано) за секојдневно возење, додека Ц2 С кабрио е автомобил за покажување, магнет на копнежливи погледи, но и одличен тркач, доколку постои потреба за такво нешто.

Иако нијансите ги прават различни, двата модели ја имаат истата култна ДНК, која еволуира со секоја следна генерација. Мојот заклучок – 911 на Порше никогаш не бил подобар!

Loading...