Германија – брутална колонијална сила

0
45
views
loading...

Намибија бара репарации од Германија-за геноцид кој се случил за време на колонијалната ера,пред повеќе од 100 години. Дали други поранешни колонии ќе го следат примерот на Намбија? Прашање за историчарот Јирген Цимерер.

ДВ: Дали и другите поранешни германски колонии ќе бараат репарации?

Јирген Цимерер: Тоа е многу тешко да се предвиди, бидејќи зависи од повеќе фактори. Многу поранешни колонии внимателно ги следат преговорите меѓу Германија и Намибија, како и тужбите кои некои претставници на народите Хереро и Нама ги поднесоа против германската влада во Њујорк. Британската влада, исто така, призна дека внимателно го следи текот на случувањата. Тоа ќе зависи од околностите во секоја одделна земја. Намибија е многу специфичен случај.

Зошто Намибија е специфичен случај?

Пред сѐ поради тоа што таму се случи геноцид. Второ, тоа, исто така, има многу врска со историјата на Намибија по завршетокот на германското колонијално владеење. Намибија е ставена под мандат на Лигата на народите и администрацијата ја водеше Јужна Африка. Затоа Намибија беше во системот на апархејдот до 1990 година, и деколонизацијата се случи многу доцна. Некогашното ослободувачко движење СВАПО оттогаш владее во државата. Со тоа движење доминира народот Квамбо, додека многумина од Хереро и Нама се чувствуваа запоставени. Што се однесува до прашањето за репарациии, тие сметаат дека нивната влада не ги претставува. Тоа е причина зошто Хереро и Нама ја тужеа Германија во Њујорк- за репарациии, но и да се вклучат во преговорите. Таква ситуација не гледам во Камерун, Танзанија и во Того.

Дали Германија во Танзанија, Того или во Камерун сторила колонијални злосторства за кои би можела да биде принудена да плати репарација?

Имало масакри. Германија брутално освоила 4 колонии, денес би се рекло: воени злосторства. Во војната Маји-Маји во Танзанија помеѓу 1905 и 1907 година животот го загубиле и до 300.000 луѓе. Масакри и неколку колонијални скандали се случиле и во Камерун, а слично е и во Того.

Посебно е познат случајот Манга Бел во Камерун. Манга Бел, кој подоцна стана крал на Доугал, на властите во Берлин им се жалел за неправедниот режим на гувернерот Јеска фон Путкамер. Тој само се залагал за правата на својот народ и поради тоа е погубен во август 1914 година. Тогаш секаде имало неправда која денес би била означена како сериозно кршење на човековите права. Но останува да се види дали поради тоа е можно да се бара репарација, а и дали некој воопшто ќе побара.

Во февруари во Танзанија е одржана дискусија за репарациите. Што мислите за тоа?

loading...

Претпоставувам оти луѓето во Танзанија чекаат да видат како ќе се развиваат работите во Намибија. Преговорите и тужбите во Њујорк би можеле да постават преседан. Поранешните колонијални сили, како и потомците на оние кои биле колонизирани, внимателно следат. Танзанија е интересен пример, бидејќи долго немаше барања за репарациии. Поставени се дури сега во фебруари, веројатно како рефлексна реакција на она што се случуваше во Намибија. Владите на Намибија, исто така, долго не бараа надомест од Германија. Тоа се промени под внатрешен притисок, откако Хереро и Нама успеаја да докажат дека имаат право на надоместок.

Претпоставувам дека нешто слично се случува токму сега во Танзанија. Политичарите одлучија да се занимаваат со темата и прашањето- како да се соочат со колонијалното минато- кое станува дел од внатрешната политичка дебата во Танзанија. Тешко е да се предвиди дали тоа ќе биде успешно и кои политичари ќе застанат на чија страна.

Дали во поранешните колонии постои дискусија за периодот на колонијалното владеење? Дали луѓето знаат што се случувало?

Да, има. Луѓето кои ги интересира историјата се свесни за овие теми. Постојат и остатоци од згради и други споменици кои се однесуваат на колонијалната ера.
Меѓутоа малку е веројатно оти сите знаат детали за она што се случило. Тоа е како во Германија: Многу луѓе имаат само нејасна претстава за тоа дека Германија била колонијална сила. Тие не знаат колку бил брутален германскиот колонијализам.

Во нашите проекти во Хамбург учествуваат докторанти од Танзанија и Камерун. Наскоро ќе им се придружат и уметници од Намибија. Среќни се дека се занимаваме со оваа тема и што имаат можност да работат со нас. Тие ни велат оти оваа тема е многу важна во нивните земји, но и дека нема доволно ресурси за детално истражување на колонијалната историја. Тоа е, исто така, влијание на европскиот колонијализам: образовните институции и шансите детално да се истражува историјата сѐ уште се нееднакво распоредени.

Јирген Цимерер е професор по африканска историја на универзитетот во Хамбург. Тој е еден од водечките германски стручњаци за колонијална историја.

ИЗВОР: ДВ

Loading...